очички само мн.

очички (само мн.)

Зад ригестите панталани се појавува руса детска глава, тркалезни очички, полни со ведрина, го гледаат со наивно љубопитство.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ги гледаше неговите кревки увца и неговите очички, и оние четири тенки како чапарушки и растрперени ноженца, ја гледаше сета таа чудесија од кревкост и невиност, со нешто многу од тревките во себе и со секој миг сè посилно знаеше дека таа дива ноќ не можеше да биде во состојба ни да измисли друг повистински гостин, што би можела да му испрати за да го зарадува во неговата самота, од овој, што беше сега тука, во неговите нозе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Остануваше притиснат, скучен и сам, а во неговите добри очички, какви што можат да бидат сретнати само кај срните, стоеше нешто толку далечно и стаклесто, во кое беше цела една непремостива провалија.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А наеднаш како мов, подводна трева, меѓу неговиот поглед и она малечко, долгоуво главче на неговото срнче, се залелка и се отвори сега на еден сосема поинаков начин, зародена прво во него, а после одразена од него и во овие питоми очички на животинчето, познатата непремостива провалија; му се врати на еден само негов начин, а веднаш со неа и едно зачудување во него како можел да ја превидува толку дена.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Каја ги протегна ножињата, ги протри очичките, и кога ги отвори, го виде насмеаното лице на мајка ѝ наведнато над неа.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
- Се разбира, сигурно тоа, - ќе речеше благо, навивачки другарот Трифун Трифуноски, - се гледа, пред очи е работата, ама сепак вие, мило мое, изберете една дарба, најблиска до вашата душа, таа што како пролетно поточе ви жубори во жиличките, во цветните, мали жилички, таа што како благо ветре ви вее пред вашите убави, сјајни очички, и ајдете запрете го Трифун Трифуноски, тој сосема се забораваше, се гледаше: него исто така треска го тресеше, како тој да полагаше.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
- Па, што дека си Дедо Мраз – се поднасмеа лишавото лице на чпртавкото на кое ситните црни очички испиени од слепоочниците сосема ги снема – за мене името ништо не значи.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Од волшебниот огин во цветовите очички на убавицата, испарија и посребрените веѓи.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Нежно, нежно и ги подзабриша очичките и воздивна со бол на душата: - Прости ми што те унесреќив во најсреќните мигови!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)